КНИГИ

Во своето слободно време, Дора покрај тоа што е психолог и психотерапевт, таа е писателка која обожава да се изрази прозно во форма на пишан збор. Авторка е на романите: „Превртена љубов“,  „Синиот час“ и „Ѓаволот има убаво лице“.

Во нејзините романи се чувствува мирис и вкус на холивудски приказни кои изобилуваат со високо драматични дејства меѓу ликовите, низ кои е проткаена психоаналитичка нишка. Таа ги разработува темите на партнерските релации, сексуалноста, комуникацијата, скриените тајни и емоционалните товари со кои луѓето влегуваат во врски.

За женската публика на возраст од 18 до 50 години која сака да чита популарни и фенси приказни.

„Ѓаволот има убаво лице“

Бјанка е лекарка која работи на интензивна нега за време на пандемијата со респираторниот вирус. Нејзиниот сопруг Давид, кој има нарушено здравје, е сопственик на синџир маркети низ градот. Хронично уморна, под стрес од секојдневните одлуки што ги носи политиката во здравството, Бјанка развива силна анкциозност со панични напади. Тоа ќе ја поттикне да почне да посетува психотерапија. Од друга страна, под влијание на социјалната, економската и здравствената криза предизвикана од пандемијата, бракот со Давид почнува да се рони. Давид се вљубува во неговата помлада секретарка Моника, поради која е подготвен да ја напушти Бјанка. Сето тоа го набљудува и тајно го поттикнува еден чуден господин. Господин Л, кој сите го знаат, но никој не го познава…

„Синиот час“

Откако ќе и се остварат сите соништа во животот,младата и славна писателка од Њујорк, Лола Карпентер, доживува емоционален крах по смртта на своите родители и на сопругот Ед. Тогаш сфаќа дека сите желби што ги остварила биле само проекции и очекувања на нејзините родители од неа. За да се пронајде одново себеси и да го воспостави контактот со својата автентична придода, решава да замине на подолг престој на еден од грчките острови во Јонско Море, со цел да почувствува вистински мир. При тоа, не сака никој да ја препознае. Но, само што пристигнува на островот, нејзиниот план тргнува во сосема неочекувана насока откако на една од вечерните забави во хотелот каде што престојува го запознава шармантниот сурфер Џек, кој важи за страствен додворувач и навидум живее лесен и едноставен живот на плажата без никакви грижи.

„Превртена љубов“

Како ќе се чувствувате ако еден ден конечно соберете храброст и со само мал куфер заминете некаде далеку за да побегнете од темнината што ве завива насекаде околу вас? И што ако наскоро сфатите дека всушност темнината е во вас и дека ја носите со самите себе, каде и да сте? Онаа темнина на човечкото несвесно која живее во секој од нас и на која малкумина и погледнале во очи. Онаа темнина која по навика го тера човека да ја повторува својата судбина, а со која тој упорно јалово се бори. Онаа темнина која штом човекот еднаш ја претвори во светлина, станува божествено битие. Би се вратиле ли тогаш назад? Би се вратиле ли назад, знаејќи дека само враќањето кон она од коешто сте побегнале е единствениот пат до љубовта?